Два хеликоптера на американската армија АХ-64 Апачи се урнаа на Алјаска по тренинг мисија, откако се судрија во воздух, при што загинаа тројца војници, а еден е повреден, соопштија претставници на Пентагон.
Хеликоптерите се урнаа во четвртокот во близина на градот Хили во централна Алјаска, на околу 80 милји југозападно од нивната база во Форт Вејнрајт, според 11. Воздушно-десантна дивизија на американската армија.
Воениот портпарол Џон Пенел подоцна додаде дека во воздухопловите имало вкупно четири лица, иако не понуди детали за нивниот статус или дали има повредени. Вооружениот хеликоптер АХ-64 вообичаено носи екипаж од двајца – пилот и стрелец.
Инцидентот не е прв со „апачи“ оваа година, откако друга хеликоптерска несреќа, во која беа повредени двајца војници од 25. Ударен баталјон на армијата, се случи во февруари исто така во Алјаска. До несреќата дошло кога леталото полетувало.
Многу посериозна несреќа се случи минатиот месец во близина на Форт Кемпбел во Кентаки, во која загинаа девет војници, откако два ХХ-60 „блек хокс“ се судрија во воздух за време на „рутинска мисија за обука“, како што ја нарекоа официјалните лица. Сите војници беа распоредени во 101. Воздушно-десантна дивизија и се вели дека се урнати додека користеле ноќно гледање и летале во формација со два хеликоптера.






