Тројца партиски лидери ја напуштиле лидерската средба по кавга со можниот иден премиер

Во првиот час по почетокот на лидерската средба за датумот за избори тројца партиски лидери го напуштиле состанокот по кавга со можниот иден премиер.



На средбата учествуваат лидерите на сите парламентарни партии.

Во еден момент по кавга со спикерот Талат Џафери лидерите на БЕСА, Алтернатива и Движењето за промени, Билал Касами, Африм Гаши и Изет Меџити демонстративно ја напуштиле лидерската средба.

Спикерот Џафери кој е можен иден технички премиер со доза на надменоста на тројцата им велел дека кога сака тој ќе го стави на гласање барањето за член на ДИК, кое им следува по закон.

Според Џафери доколку сака тој можел и да го поништи завршениот оглас за член на ДИК, на кој е пријавен кандидат на албанската опозиција.

Поентата е дека ако сега Џафери распише нов оглас а Алијанса за Албанците излезе од владата односно би имало друга опозициона партија со поголем број пратеници тогаш Касами, Меџити и Гаши нема да добијат претставник во ДИК, членови на општински изборни комисии и државни пари за избори.

Тројцата опозиционери го обвиниле Џафери за узурпација на местото претседател на Собрание и дека со овој став станува јасно дека ДУИ не сака фер избори.