Тројца македонски државјани, позитивни на Ковид-19, повредени во сообраќајка во Италија

Тројца државјани на Македонија, кои биле позитивни на Ковид-19, се дел од шестемина повредени во верижен судир на автопатот А34 во близина на Фара во североисточниот дел на Италија, јави „Телефриули“.



Несреќата се случила вчеравечер околу 22 часот кога возач на „мерцедес“, италијански државјанин што се враќал од работа, изгубил контрола врз автомобилот и удрил во возило пред него, а тоа во возилото на лицата со македонски пасоши.

Сите шестмина добиле повреди во судирот, по што се префрлени во болниците во Гориција и во Монфалконе, а еден од нив со медицински хеликоптер во Трст, но не се во животна опасност.

Кај македонските државјани е утврдено дека се заразени со коронавирус, а предизвикувачот на судирот, возачот на „мерцедесот“, бил под дејство на алкохол.