Трикафта за сите: Нов протест на болните од цистична фиброза

Болните од цистична фиброза утре ќе протестираат за лекот трикафта и поради тоа што се доцни со неговата набавка.



Како што информираа утре напладне пред Министерството за финансии ќе побараат државата да го обезбеди лекот Трикафта за сите.

-Немаме се уште официјален допис од страна на надлежните во однос на оваа проблематика иако неофицијално се слушаат одредени информации дека ќе добијат уште 18 пациенти, но тоа сеуште не е потврдено и не е кажано, иако неофицијалкно поминало на седница на Влада и има одлука, изјави Фики Гаспар, претседател на Асоцијацијата на пациенти со цистична фиброза.

Од Асоцијацијата инсистираат да има континуирана програма за набавка на лекот, а не еднократно и со интервентен увоз. Досега Трикафта примија 12 пациенти и кај сите нив има значително подобрување на здравствената состојба и имаат поквалитетен живот.

-Кај сите има изненадувачки позитивни резултати и поради тоа не треба да престанат, и треба да се обезбеди лекот за сите за да нема поделби и за да нема неизвесност и страв кај пациентите, категоричен е Гаспар.

Од Министерството за здравство изминатиот период неколку пати најавија дека работат на обезбедување на Трикафта за сите кои имаат потреба од лекот, но не соопштуваат до каде е постапката и кога ќе го добијат и други пациенти.

За да може оваа терапија да се купува директно од производителот беа направени и законски измени, а надлежните се заинтересираа за болните од цистична фиброза откако во февруари почина пациент чекајќи државата да му го набави лекот.