Трифун Костовски ќе ја бара правдата за Еуростандард банка надвор од Македонија

Главниот акционер на Еуростандард банка, Трифун Костовски, најави дека правдата за нејзиното затворање ќе ја бара надвор од Македонија.



„Правдата ќе ја барам надвор од Република Македонија, бидејќи, објективно, банката е странска инвестиција и ги имаме сите легитимни права да го водиме овој судски процес на меѓународен суд“, изјави тој.

Вината за неславниот крај на банката Костовски ја лоцира кај нејзиниот Управен одбор, најавувајќи кривични пријави за „манипулативни трансакции“, како и во Народната банка на Република Македонија (НБРМ), обвинувајќи за „долго планирана атака врз банката“.

„Ова е сценарио коешто е правено со месеци наназад за никој да не знае. Само блиски до тие кругови од Народната банка на време биле известени да си ги повлечат парите“, обвини тој.

Костовски додава дека неговото семејство сторило сè за да ја спаси банката, до крајот на минатата година вбризгало во неа 10 милиони евра за санирање на лошите пласмани, имале и потенцијален партнер, но НБРМ немала слух за нивните напори.

Поранешниот градоначалник на Скопје истакна дека ќе ги тужат Република Македонија и Народната банка за нанесена штета на нив како акционери и на банката и, ако добијат отштета, ќе ја наменат за подмирување на сметките на коминтентите.