Трифонов се дополнува: Северномакедонците да ги признаат своите бугарски корени

Претседателот на бугарската партија Има таков народ и коалициски партнер во новата бугарска Влада, Слави Трифонов по вчерашната објава на Фејсбук со предлогот како да се крене ветото за Македонија, се огласи повторно со објаснување за „оние кои што не го разбрале напишаното и не го читаат текстот туку само насловот“.



Во последната објава тој, како што вели, во однос на почетокот на преговори на земјава со ЕУ, како граѓанин на Бугарија, упатува пораки до Македонија и до бугарските партнери во НАТО и во ЕУ.

„За Република Северна Македонија – вие задолжително треба да ги исполните сите точки од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка коишто сте ги потпишале со Бугарија, вклучувајќи го и сето она што е поврзано со историјата на Бугарија. Северномакедонците треба да ги признаат своите историски бугарски корени. Тоа е услов за кој не може да се преговара.

А за нашите партнери во НАТО и ЕУ – кога толку многу сакате да ја поддржиме Северна Македонија за преговори за членство во ЕУ, постапете партнерски кон нас, како што сакате да ви бидеме партнери – без визи во САД и веднаш во шенген зоната.

Мислам дека сега моето мислење како граѓанин на Бугарија е повеќе од јасно“, напиша Трифонов.