Трибина во чест на 150 години од раѓањето на Гоце Делчев (ВИДЕО)

По повод 150 години од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, левичарскиот институт „Рацин“, вчера организираше трибина за одбележување на духот на македонската државотворност и за празнување на врската помеѓу минатото, сегашноста и иднината.



,,Денес, неопходно е вистинско толкување на државотворниот порив и националните херои чии судбини се нераздвојни од идејата за Македонија – во време на повторни обиди за културна и политичка доминација помеѓу народите, без класна и национална солидарност за угнетените општества под империјалистичко влијание”, се вели во пораката од трибината.

Темата и целите на трибината се во склад со идеалите на големиот македонски револуционер – повикување на разум со разумна дискусија, потенцирање на школувани ставови кои нѐ ослободуваат од стегите на незнаењето и артикулирање на македонската кауза како составен дел од класната борба на македонскиот народ и животниот пат на Гоце Делчев.

,,Во време на будење на сенките од минатото, време е и за возобновување на живототворната енергија и желба за слобода во нов пријателски свет, кои биле клучни за сите историски успеси на нашите минати дејци – да оставиме здрав плод од кој идните генерации ќе бидат оплеменети со мудростите на класната и национална свест која води кон подобар свет!”, е една од пораките на трибината.

Говорници на трибината беа:

– Проф. Д-р. Димитар Љоровски Вамваковски
– Проф. Д-р. Билјана Ванковска
– Проф. Д-р. Јован Донев
– Проф. Д-р. Стојко Стојков (ОМО Илинден – Пирин)

Трибината е организирана од институтот Кочо Рацин основан од партијата Левица.

Видеото од трибината