Три знамиња, една историја , една нација – таа нашата македонската (ВИДЕО)

Нема крај бедата и кукавичлакот на актуелната власт. Денеска дискутирале на Влада и не смогнале сила ни да понесат одговорност за своите постапки. Со месеци тајно и скришум, под превезот на мракот, како последни бедници и грешници преговарале, нè предавале и нè продавале. Се откажувале од македонскиот јазик, се откажувале од македонската историја, се обврзувале дека ќе го променат Уставот. Потоа, пак, нè лажеа дека не го виделе предлогот кој што го испреговарале, велат дека имале „чист македонски јазик“ во рамката. Сега овие арамии и страшливци ќе се обидат да го поминат овој документ во Собранието. Со денови многумина од Вас тука ме прашуваат „Што ќе правиме ако ја усвојат преговарачката рамка во Собранието“.



Ова е дел од обраќањето на екс вицепремиерот и амбасадор Ивица Боцевски на вечерашните протести против европскиот пакет врз база на уцените од Бугарија.

,,Наместо да Ви одговорам, од овде им порачуваме на Христијан Мицкоски, лидерот на опозицијата и на ВМРО-ДПМНЕ, на Димитар Апасиев, лидерот на Левица, на Љупчо Димовски, лидерот на СПМ, на Иван Стоиљковиќ, лидерот на ДПСМ. Вие и Вашите пратеници сте бедемот на македонската државност, а ние сите тука собрани, македонскиот народ, сме Вашата тврдина, Вашата заштита, Вашиот ‘рбетен столб.
Не прифаќаме промена на Уставот по ниту една линија!”, порача Боцевски кој повтори дека
споменатите и нивните пратеници се бедемот на македонската државност, а ние сите собрани, македонскиот народ, се новната тврдина, заштита и нивни ‘рбетен столб.

,,Сестри и браќа, вечерва сум многу емотивен и не само затоа што зборувам пред Вас во овој зол час, во ова време – невреме туку и затоа што секоја вечер пред себе ги гледам сите знамиња на нашата Македонија.

Знамињата на АСНОМ – знамето на македонската победа над фашизмот, знамето под кое што јас сум роден.

Знамињата со сонцето од Кутлеш – знамето на македонската независност, знамето под кое што претседателот Киро Глигоров и пратениците од првото демократско собрание нè поведоа во слободата и демократијата. Тука е и државното знаме на Македонија.

 
Три знамиња, а една приказна, една историја, една нација, таа нашата – македонската”, порача Боцевски од вечерашниве масовни протести против Бугаризацијата на Македонија.