Три партии му свртеа грб на Трифонов, оди ли Бугарија кон нови предвремени избори

Три партии кои влегуваат во бугарскиот парламент по предвремените избори во неделата ја отфрлија идејата на лидерот на победничката „Има таков народ“ Слави Трифонов, за формирање малцинска влада.



Има таков народ освои 65 места или една четвртина пратенички места од вкупно 240 при најниска досега излезност од 41% на изборите, а својот предлог за тоа каква влада замислува и со какви персонални решенија ги соопшти – на Фејсбук.

За таквата влада очекува поддршка од некои од другите кои влегоа во идниот 46 состав на бугарското народно собрание во кое ГЕРБ на Борисов ќе има 63, БСП 36, Демократска Бугарија 34, ДПС (Движење за права и слободи) 29 и коалицијата „Исправи се!“ – 13 пратеници.

Според идејата на Трифонов, тој одбива да коалицира и бара поддршка за влада која ќе биде под силна контрола на Народното собрание и дека работата на владата ќе се цени според заслугите, а не според однапред осигурано политичко мнозинство и поддршка. Трифонов зборува за враќање на контролната моќ на парламентот и народните избраници наместо концентрирање на моќта во рацете на еден човек – премиерот.

Предлогот на Трифонов најпрво не наиде на разбирање од коалицијата „Исправи се! Мафијата надвор!“. Николај Хаџиганов, еден од лидерите на протестите, сега член на раководството на партијата која ја предводи поранешната народна правобранителка, Маја Манолова, истакна дека Слави Трифонов со своето поведение ја урива парламентарната република.

„Ние се откажуваме од учество во Фејсбук република, во телевизиска република, во шоу република. Благодарам, но тоа е нешто против кое се борам 12 години. Нема да дозволам тоа да продолжи. Коалицискиот совет реши да не го поддржи предлогот на Слави“, рече тој.

Лидерот на „Демократска Бугарија“, која е една од трите т.н. „протестни партии“ што произлегоа од протестите во Бугарија (останатите две се токму „Има ли таков народ“ на Слави Трифонов и коалицијата „Исправи се! Мафијата надвор!“), Христо Иванов, повика на „враќање во реалноста и на здравиот разум“. „Тоа е или грешка или провокација“, коментира Иванов.„Мојот повик е да сфатиме дека ова повеќе не е шоу туку дека ние сме професионалци кои мора да ги претставуваат луѓето и каузите и да имаме одговорност пред оние кои не избраа…Се надевам нема да дозволите да бидете третирани како стадо и да гледаме како се распаѓа можноста за консензус“.

Од досегашната опозициска партија во парламентот, БСП, предводена од Корнелија Нинова, со став дека нема да го поддржат предлогот на Трифонов.„БСП нема да ја поддржува владата и мерките кои ги предлага лидерот на ИТН“,вели Нинова.Таа смета дека не само што нема да има никакви промени во моделот на владеење туку истиот ќе се продлабочи.

По ова станува извесно дека на Трифонов му останува да бара поддршка од досегашната владејачка партија ГЕРБ на Бојко Борисов и од ДПС која се смета дека е партија на малцинските Турци.

„Судбината на кабинетот на Трифонов е прашање на само еден потег на Борисов: пратениците на ГЕРБ креваат раце во парламентот и кабинетот на ИТН е на власт.

Следниот момент, тие не креваат рака и ИТН паѓа од власт, вели социологот Андреј Рајчев кој смета дека со неговиот предлог за владин кабинет, Слави Трифонов ја враќа моќта на Борисов.