Девојка од Столац загина во силниот земјотрес во БиХ, оштетени голем број куќи

Дваесетиосумгодишната Е.С. од Столац е првата жртва на силниот земјотрес во Босна и Херцеговина, а нејзините родители и сестрата се полесно повредени, потврдиле од Кантоналната болница во Мостар за босанскиот портал „Аваз“.



Девојката е донесена во болницата во тешка состојба, без пулс, крвен притисок, практично без знаци на живот, па и покрај напорите на лекарите и долгата реанимација им подлегнала на повредите, откако врз семејната куќа во Столац се урнала огромна карпа од потресот.

Земјотресот со јачина од 5,7 степени по Рихтеровата скала, според Евромедитеранскиот сеизмолошки центар (ЕМСЦ), предизвикал оштетувања на фасадата на Народниот театар во Мостар, а има оштетувања и на голем број камени куќи во Столац и во околината.

Во повеќе градови од БиХ дошло и до прекин на електроснабдувањето.