Трговската размена меѓу Русија и Кина за два месеца зголемена за речиси 40 отсто

Трговијата меѓу Русија и Кина во првите два месеца од 2022 година порасна за 38,5 проценти на годишно ниво и достигна 26,43 милијарди долари во периодот јануари-февруари, соопшти Кинеската царинска управа.



Рускиот извоз во Кина во наведените два месеца се зголемил за 35,8 отсто и достигна 13,8 милијарди долари, а Русија од Кина увезла стоки и услуги во вредност од 12,6 милијарди долари, што претставува годишен раст за 41,5 отсто.

Минатата година руско-кинеската трговска размена изнесуваше рекордни 148,8 милијарди долари или 35,8 отсто повеќе од 2020 година, кога падна за 2,9 отсто поради пандемијата на Ковид-19.

Врз основа на растот за над една третина на меѓусебната трговија со најголемата земја во светот минатата година, кинескиот претседател Си Џинпинг прогнозира дека трговијата меѓу Русија и Кина наскоро ќе достигна 250 милијарди долари.

Експертите проценуваат дека тоа би можело да се случи веќе во 2026 година, а тоа ќе го овозможат извозот на руска нафта и гас, на обоени метали и на земјоделски производи.

Кина минатиот месец ги укина сите ограничувања за увоз на руска пченица.