Тревога по рекордниот број заразени од Ковид19, сите мерки се во игра

Здравствените власти ги анализираат рекордните бројки новозаразени во земјата. Комисијата за заразни болести денска и утре ќе одлучи дали ќе има нови мерки при што не се исклучуваат и најригорозните како целосен карантин .



Се очекува владата по препорака од Комисијата за заразни болети да излезе со соодветни мерки откако вчера беа регистрирани рекордни 225 новозаразени со коронавирус во земјата.

Ситуацијата е особено драматична откако минатата недела шефицата на инфектолошкото одделение во Прилеп откри дека скопските клиники веќе не примаат тешки пациенти од внатрешноста.

Министерот за здравство, Венко Филипче најави детална анализа на епидемиолошките податоци од прашалниците за да се утврди точно начинот на трансмисија на вирусот во повеќе општини, односно градови во државата. Врз основа на тоа, како што рече Филипче, ќе заземат став дали се потребни некакви мерки коишто би ги препорачале понатаму до Владата.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 18.363, бројката на оздравени пациенти е 15.164, на починати е 749.

Во моментот бројот на активни случаи во земјата изнесува 2.450, од кои најмногу во Скопје (834), Куманово (182), Кочани (172), Струмица (167), Тетово(150), Прилеп (126).

Од скопските општини најмногу заразени во моментот има во Аеродром (141), Центар (127), Карпош (111) и Гази Баба (100).