Алфред Гисласон, тренер на ракометарите на Кил, по денешниот пораз од 29:28 е свесен колку тешка задача ќе имаат против Вардар в недела од 17 часот во СЦ „Јане Сандански“, па уште сега бара регуларни услови за игра во реваншот од четвртфиналето на Лигата на шампионите во Скопје.
„Тоа е тим што нема загубено на домашен терен сезонава. Мора сè да ни се поклопи за да поминеме. Се надеваме дека ќе добиеме непристрасно судење во Скопје“, изјави Исланѓанецот на клупата на трикратниот европски првак.
„Сега имаме уште потешка задача: пораз дома и сега ќе мора да се игра во ‘котел’. Но, ние ќе дадеме сè од себе и ќе се бориме бидејќи сакаме во Келн“, додаде пикерот Патрик Винцек, чие исклучување 137 секунди до крајот им овозможи на вардарци од негатива 28:26 целосно да го свртат резултатот и да слават пред 9.500 гледачи.





