Трендсетерот ги понижи уредниците на 1ТВ и ја стави Русковска во небрано

Екс сопственикот на 1ТВ и само наречен трендсетер Бојан Јовановски, попознат како Боки 13, на денешното судење за случајот „Рекет“ кажа дека во телевизијата 1ТВ тој лично договарал гости во емисиите а една од нив била обвинителката Вилма Русковска, која го застапува обвинението против него.



Ниту еден од уредниците во телевизијата денеска (До 16 часот) не го демантира нивниот екс газда дека тој им договарал гости.

Според Јовановски со Русковска покрај за емисијата имале и приватни разговори и дека пиеле и алкохол.

“Сме пиеле кафе, алкохол. Јас не пијам алкохол, таква беше атмосферата” , рече Јовановски.

Тој исто така рече дека Русковска однапред му јавувала кого ќе вика на распит за тој да прати екипа од 1ТВ да снима.

“Рускоска ми кажуваше кој ќе биде носен на распит, за да пуштам камера да го снимаме”, рече Бојан Јовановски – Боки 13 на денешниот распит во рочиште по повод случајот „Рекет“.

Тој додаде дека немал никакво влијание врз Катица Јанева.

“Како може некој што има ТВ да врши влијание врз еден специјален обвинител како Јанева кој дрма и коси? Не сум ниту премиер, ниту претседател да имам влијание врз пријателска основа. Тоа не постои. Но постои друга работа. Да надополнам дека Катица Јанева била многу порезервирана во давањето на било какви информации, поради тоа што новинарите бараа изјава од неа, сите сме барале да дознаеме било што.

Има една поситна состојба каде што јас сум бил директно пикиран од страна на Вилма Рускоска за нејзините дејствија и за тоа кога и кој ден кого ќе повикува распит, за да пратам камера да го снимам. Сето ова го има „Ватсап“ комуникација”, рече Бојан Јовановски.