Тренчевска: Раст на пензиите од 6,8% не сме најавиле, претпоставувам од чија кујна е излезен тој процент

Власта да престане да не лаже и еднаш за секогаш да излезе пред нас и да ни го даде она што го бараме, а тоа е пензии за достоен живот, оти само ние остануваме во Македонија. Пензионерите се револтирани оти власта не им го дала ниту минималното 7%, па затоа најавија дека ќе протестираат пред Американската амбасада, но и пред здрадата на Европската Унија во Скопје, со цел на далеку да се чује гласот на пензионерите.



Пензионерите сега велат дека нема да отстапат од своите барања и сега бараат 5.000 денари покачување, зашто трошоците за живот постојано растат.

И додека пензионерите си ги бараат нивните права за достоинствен живот, од Владата рекоа дека раст на пензиите за 6,8% никој не кажал. Според министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, до крајот на месецов ќе излегле со конкретни мерки за поддршка на животниот стандард на пензионерите. На прашањето за реакциите на некои пензионери кои тврдат дека добиле зголемување само од 200 до 300 денари, Тренчевска кажа дека таа информација не е точна.

Покачување на пензиите за 6,8 отсто не сме кажале ниту јас ниту кој било претставник на Владата. Претпоставувам од чија кујна е излезено 6,8 отсто, рече денеска министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Моите изјави беа меѓу пет и шест, но секогаш велев ќе ги почекаме податоците од Државниот завод за статистика затоа што тоа е институцијата што ги дава податоците за индексот на трошоци на живот и индексот за порастот на просечната плата“, рече Тренчевска.

Пензионерите не отстапуваат од барањата за повисок стандард, линеарно покачување од 5.000 денари, како и минималната пензија да биде 18.000 денари. Во знак на револт, мирен протест одржаа пензионери од Неготино, на градскиот плоштад, барајќи подостоинствен живот за луѓето од третото доба.

Според нив, пензионерските протести ќе продолжат со тоа што во иднина ќе стануваат се порадикални, со повеќечасовни блокади на секаде низ земјава.