Претседателот на САД Доналд Трамп изјави дека заслужува да добие Нобеловата награда за мир поради неговиот ангажман околу Северна Кореја и во Сирија и се пожали дека веројатно никогаш нема да биде удостоен со оваа чест, пренесоа агенциите.
Трамп вели дека неговиот претходник, демократот Барак Обама, добил Нобеловата награда за мир во 2009 година, само неколку месеци откако дојде на власт.
„Тие му дадоа награда на Обама. Но, тој дури и не знаеше за што ја добива. Беше тука само од околу 15 секунди и доби Нобеловата награда за мир и рече: Што направив за да ја добијам?”, изјави Трамп во крајот на прес-конференција во Белата куќа со заклучок: „Јас веројатно никогаш нема да ја добијам“.
Според него, тој спасил 3 милиони животи во сириска провинција Идлиб контролирана од бунтовниците, откако ги предупредил Русија, Иран и сириската влада да не преземаат офанзива.
„Никој не зборува за тоа“, се пожали Трамп.
Трамп додаде дека јапонскиот премиер Шинзо Абе го предложил за Нобелова награда за мир во име на Јапонија поради тоа што започнал разговори со Пјонгјанг и ги намалил тензиите со Северна Кореја. Абе му дал и копија од „многу убавото“ писмо од пет страници, со кое го предложил.
Белата куќа одби да коментара по изјавата на Трамп.





