„ Искрено, победивме, иако не се преброени сите гласови. Му благодарам на американскиот народ за големата поддршка. Милиони луѓе гласаа за нас. Но, една многу тажна група на луѓе се обидува да им го одземе тоа право, што нема да дозволиме. Се подготвувавме за голема прослава“, изјави актуелниот американскиот претседател Доналд Трамп кој прогласи победа на вчерашните претседателски избори.



Трамп рече дека ќе побара од Врховниот суд пребројувањето на сите гласови да се запре „затоа што е очигледно дека републиканците водат во преостанатите неколку држави и дека Бајден и демократите не можат да ги стигнат.

Според него републиканците победија со „рекордни бројки“ и дека „резултатите се феноменални“.

„Не очекувавме да победиме на Флорида, но бевме убедливи. Го освоивме Охајо, Тексас, ја освоивме Џорџија, каде што тие не можат да не достигнат, истиот случај е со Северна Каролина. Најважно е да водиме убедливо во Пенсилванија. Мичиген е наш, како и Висконсин. Тие велат дека ја изгубивме Аризона, но се уште не е готово. Можеби ќе ја изгубиме, но разликата не е голема“, нагласи Трамп.

Претседателот на САД вели дека знаел дека „ова ќе се случи“, односно дека резултатот од изборите ќе се бара на суд.

– Без разлика дали победивме или загубивме, знаев дека ќе одиме на суд. Го реков тоа првиот ден кога (демократите) започнаа да инсистираат на испраќање гласови рано по пошта. Бевме подготвени да славиме денес и победивме, но сведоци сме на голема измама за нашата нација. Ова е тажен момент за мене рече Трамп.