Американски судија вчера пресуди дека Доналд Трамп нема имунитет во случај на кривични пријави за дејствија што ги презел како претседател, отфрлајќи го неговото барање да се „затввори“ случајот во кој е обвинет за заговор да го поништи неговиот изборен пораз во 2020 година.
Окружниот судија на САД Тања Чуткан во Вашингтон одлучи дека нема правна основа да се заклучи дека американските претседатели не можат да се соочат со кривични пријави откако повеќе не се на функција.
Трамп, фаворит за претседателска номинација на републиканците во 2024 година, може веднаш да поднесе жалба што би го одложило судењето против него закажано во март.
Одлуката на судијата Чуткан го носи Трамп еден чекор поблиску до судење со порота под обвинение дека планирал да се меша во пребројувањето на гласовите и да го попречи Конгресот да го потврди неговиот изборен пораз од демократот Џо Бајден.
Трамп се изјасни за невин и ги обвини обвинителите дека се обидуваат да му наштетат на неговата кампања. Случајот е еден од четирите кривични постапки со кои се соочува Трамп додека се обидува повторно да влезе во Белата куќа.
Ова е прва одлука на американскиот суд со која се потврдува дека претседателите можат да бидат обвинети како и секој друг граѓанин.
Министерството за правда на САД не покренува обвиненија против актуелниот претседател, но обвинителите тврдат дека такви ограничувања не постојат откако претседателот ќе ја напушти Белата куќа.
Адвокатите на Трамп тврдат дека тој е „апсолутно имун“ и дека имунитетот што го уживаат американските претседатели од граѓанските тужби треба да се прошири и на кривичните.







