Џо Бајден лажно се претставува како победник на изборите во САД, изјави актуелниот претседател Доналд Трамп откако голем број медиуми го прогласија кандидатот на демократите за обедник на претседателските избори.
Трамп најави дека од понеделник на суд ќе бара преиспитување на резултатите од претседателските избори.
„Сите знаеме зошто Џо Бајден брза лажно да се претставува како победник и зошто неговите медиумски сојузници толку многу се обидуваат да му помогнат: тие не сакаат да се открие вистината. Едноставниот факт е дека овие избори се далеку од завршени.
Џо Бајден не е прогласен за победник на ниту една сојузна држава, а камоли на некоја од многу оспоруваните држави кои се насочени кон задолжително пребројување на гласовите или држави каде што нашата кампања има валидни и легитимни правни предизвици што можат да го одредат крајниот победник.
На пример, во Пенсилванија, на нашите правни набудувачи не им беше дозволен пристап да го следат процесот на броење. Законските гласови одлучуваат кој е претседател, а не новинските медиуми“, изјави Трамп.
Трамп најави дека ќе бара пребројување на сите легални гласачки ливчиња и отфрлање на незаконски ливчиња.
„Ова е единствениот начин да се обезбеди јавноста да има целосна доверба во нашите избори. Останува шокантно што кампањата на Бајден одбива да се согласи со овој основен принцип… Само партија што се занимава со нечесно дело незаконски би ги држела набљудувачите надвор од просторијата за пребројување“, вели Трамп.
Медиуми објавија дека Бајден обезбедил 273 електорски гласови повеќе од потребните 270 и дека е 46-от претседател на САД.




