Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД веднаш ќе воведат нови санкции кон Иран како одговор на синоќешниот ракетен напад врз две американски бази во Ирак.



Во своето обраќање до нацијата, Трамп рече дека тие „моќни санкции“ ќе останат на сила се додека Иран не ги напушти своите нуклеарни амбиции и не престане да го поддржува тероризмот.

Американскиот претседател рече дека ќе побара од НАТО повеќе да се вклучи во Блискиот исток.

Тој информираше дека ниеден американски војник не бил повреден во синоќешниот напад врз базите.

Според него, американските сили се подготвени за сè, но засега се чини дека Иран се повлекува.

„Се чини дека Иран се повлекува, што е добро за сите страни и многу добра работа за светот“, рече Трамп.

Тој додаде дека откако го презеде функцијата претседател, САД станаа независни од енергијата.

„Ние сме првиот производител на нафта и природен гас во светот. Ние сме независни и немаме потреба од нафта од Блискиот исток“, рече тој.

По обраќањето на нацијата, Трамп не одговори на прашања од новинарите, но испрати порака до иранските граѓани, посакувајќи им светла иднина.

“Ние сакаме да имате светла иднина што ја заслужувате. Просперитет дома и хармонија со нациите на светот. САД се подготвени да прифатат мир со секој што го бара тоа”, рече на крајот Трамп.