Трамп ќе лобира кај Меркел за старт на преговори со ЕУ за Македонија?!

Американскиот претседател Доналд Трамп ќе се заложи кај германската канцеларка Ангела Меркел на Македонија да ѝ биде даде датум за почеток на преговори со Европска унија, пишува црногорскиот весник „Вијести“.



Повикувајќи се на „добро позициониран извор“ во Брисел, „Вијести“ објави дека летово ќе дојде до раздвојување на патот на Македонија и на Албанија кон ЕУ. САД силно лобираат за давање на Скопје датум за почеток на преговори, додава весникот, кој дознава дека тоа е една од 10. т.н. power points на Трамп за средбата со Меркел.

„Дали Трамп ќе ѝ го каже тоа на Меркел никој не знае. Со актуелниот американски претседател никогаш не сте начисто дали ќе ги почитува агендата и насоките што ќе му ги подготват соработниците, ќе импровизира од своја глава или, едноставно, ќе заборави. Во секој случај, Американците во овој момент прашањето на Косово и Србија, како и Босна и Херцеговина, не ги интересира на средно и на високо ниво. Единствено им значи Скопје да биде наградено бидејќи Преспански договор е резултат на американската надворешна политика“, објаснува соговорникот на „Вијести“.

Според него, Македонија и Албанија во јуни сигурно нема да добијат датум за преговори, и покрај очекуваната препорака од Европска комисија до Европски совет за тоа, меѓу другото и поради „процедурален проблем“ со Бундестагот. Германскиот парламент би можел да даде зелено светло за Македонија најрано во јули, па се претпоставува дека веднаш потоа би можел да се одржи вонреден Совет на кој Скопје би го добило тоа што го чека повеќе од една деценија, пишува „Вијести“.

Албанија, пак, нема ни минилани шанси летово да добие датум поради категоричното противење на Франција, Холандија, Данска и уште неколку земји што премолчено го поддржуваат таквиот став, стои во написот на весникот од Подгорица.