Поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, во видео објавено на Инстаграм им порачува на своите пријатели за време на партија голф дека ќе биде 47. претседател на Америка.
На снимката тој се подготвува да го удри топчето со палката, носејќи црвено капче со натписот „Да ја направиме Америка повторна голема“.
„Настапува 45. претседател на Соединетите Држави“, вели негов пријател на снимката, на што Трамп реплицира: „45. и 47.“, што предизвика одушевување кај присутните.
Претходникот на Џозеф Бајден во претседателскиот кабинет во последните месеци одржа неколку собири, на кои навести дека планира да се врати на функцијата во 2024 година. Ако повторно се кандидира, тој е изразит фаворит за номинацијата од Републиканската партија. Анкетата на Харвард/Харис објавена во понеделникот покажа дека Трамп е кандидат што го поддржуваат 57 проценти од републиканските гласачи, а далеку зад него се гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис со 12 отсто и бившиот потпретседател Мајк Пенс со 11 отсто.
Видеото со изјавата на Трамп на следниот линк:
https://www.instagram.com/p/CZMJsY1hZIQ/?utm_source=ig_web_copy_link






