Американскиот претседател Доналд Трамп ја повика Албанија да ја напушти иницијативата на албанската Влада „17+1“, чија цел е промоција на деловните и на инвестициските односи меѓу Кина и државите од Централна и од Источна Европа, а во која членува и Македонија.
Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека САД, Белата куќа и американскиот претседател се референтна точка за Албанија, дека многу внимателно ќе постапат кон ова барање, не заборавајќи дека Албанија е стратешки партнер и со САД, и со ЕУ, со која е усогласена во надворешната политика.
Во писмото што Рама го објави на Фејсбук, Трамп му се заблагодарува за „лидерството на Албанија на Балканот и низ Европа во разоткривањето на малигното влијание на Кина, на кршењето на човековите права и на предаторските пракси за давање кредити“.
„Ме радува силната улога на Албанија во иницијативата ‘Три мориња’ – транспарентна, заснована на пазарот и фер алтернатива на кинеската ’17+1′, од која ве поттикнувам да истапите“, му порача Трамп на Рама, заблагодарувајќи му се и за поддршката за економската нормализација меѓу Србија и Косово и охрабрувајќи го да ја премести албанската амбасада во Ерусалим.
Покрај Албанија и Македонија, членки на иницијативата „17+1“ се и Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Бугарија, Романија, Унгарија, Чешка, Словачка, Полска, Естонија, Летонија, Литванија, Грција и Кина.




