Ако денеска би се одржале внатрепартиски избори, Доналд Трамп би бил изразит фаворит за републикански кандидат за претседател на САД во 2024 година, покажува анкетата на „Политико морнинг консалт“.
„Од републиканските гласачи, 59 проценти се изјаснија дека сакаат Трамп да игра истакната улога во нивната партија, што е запрепастувачки 18 отсто повеќе во однос на последната таква анкета спроведена по нередите на Капитол. Нешто понизок број, 54 отсто, рекоа дека ќе го поддржат Трамп на предизборната листа“, се вели во извештајот од истражувањето објавено три дена по ослободителната пресуда за Трамп на неговото второ судење за отповикување под обвинение за поттикнување бунт на 6 јануари, пишува британски „Гардијан“.
Иако 45. американски претседател во 2024 година ќе има 78, ќе може повторно да се кандидира ако реши, откако избегна забрана за извршување на претседателската функција по гласањето на Сенатот со 57:43.
Трамповиот потпретседател Мајк Пенс го зазеде второто место во анкетата со 12 проценти доверба меѓу републиканските гласачи, а третото со по 6 отсто го поделија Доналд Трамп Јуниор и Ники Хејли, бивша гувернерка на Јужна Каролина и амбасадорка во Обединетите Нации, која се дистанцира од Трамп по безредијата во Вашингтон.
Сенаторот од Јута и републикански кандидат за претседател на САД во 2012 година, кој два пати гласаше за импичмент на Трамп, доби 4 отсто гласови, а сенаторот Тед Круз од Тексас, еден од тие што го поддржаа обидот на сега експретседателот да го поништи поразот на изборите, доби 3 отсто во оваа анкета.






