Американскиот претседател Доналд Трамп нареди итно распоредување на Националната гарда, резервен дел на американската војска, на границата со Мексико за да се спречи илегалната имиграција, објави неговата администрација.
„Постои реална закана“, рече министерката за националната безбедност Кирстејн Нилсен во објаснувањето на одлуката и додаде: “неприфатлив е обемот на трговија со дрога, опасните банди и нелегалната имиграција на нашата јужна граница“.
Националната гарда интервенираше на границата во 2010 година по наредба на Барак Обама, како и во 2006 и 2008 година, за време на мандатот на Џорџ Буш.
Трамп врши зголемен притисок врз Мексико и Конгресот на САД да дејствуваат и да спречат пристигнување на илегални имигранти во САД, особено откако ссе појавија снимки на караван со мигранти од Централна Америка, главно од Хондурас, кои сакаат да влезат во САД, а сега се наоѓаат во јужниот дел на Мексико.
„Додека не направиме ѕид и ќе постигнеме соодветна сигурност, армијата ќе ја заштити нашата граница“, рече Трамп.
Повеќето гувернери на сојузните дрѓави од југот ја поздравија мерката на американскиот претседател, јави „Фокс њуз“.





