Американскиот претседател Доналд Трамп и се закани на Русија и на нејзиниот претседател Владимир Путин дека ќе платат голема цена за „безумниот хемиски напад“ во градот Дума, во областа источна Гута, кај Дамаск во Сирија.
Во серија твитови Трамп напиша дека во безумниот напад настрадале многу луѓе, меѓу кои и деца и жени, за што го обвини „животното Асад (сирискиот претседател Башар ал Асад) и неговите поддржувачи Русија и Иран. Додаде дека неговиот претхоник Барак Обама требало да биде многу поодлучен во делувањето во Сирија со што „Асад одамна ќе заминеше во историјата“.
Ова според западните медиуми значи дека е можно САД во најскоро време да извршат воен напад врз силите на Сириската армија како што направија и минатата година при сличен непотврден инцидент. Наводниот напад во Дума бил извршен со бомба полна со гас хлорин фрлена од хеликопер, барем така тврдат извори блиски до бунтовниците кои се наоѓаат во целосно опкружување во градот. Руското министерство за одбрана меѓутоа, тврди дека немало никаков хемиски напад, а сириската влада целата ситуација во врска со инцидентот ја нарече „бесмислица“.
Според бунтовниците од отровниот гас настрадале меѓу 40 и 75 луѓе додека над 500 се повредени. Дума е последниот град во близина на Дамаск кој се уште се наоѓа во рацете на опозицијата, но со оглед на големата несразмерност на силите, буквално прашање на ден е кога ќе биде ослободен од Сириската армија.




