Трајков за Коха: Етикетата дека ВМРО-ДПМНЕ се албанофоби треба да биде напуштена

ВМРО-ДПМНЕ нема апсолутно ништо против на поставување на луѓе на функции кои имаат соодветно образование, професионалци во својата област, кои си ја знаат работата за која се платени од граѓаните а при тоа ги почитуваат Уставот и Законите на оваа земја без разлика на кој етникум припаѓаат. И еднаш засекогаш оваа бесмислена етикета дека ВМРО-ДПМНЕ се албанофоби, треба да биде напуштена, затоа што  во моментот,  ВМРО-ДПМНЕ ја води нова генерација на политичари, со визија за подобро утре, каде Македонија сите ние заедно ќе ја направиме подобро место за живеење…. вели за КОХА, Викторија Трајкова, универзитетски професор и стратешки соработник за меѓународна политика на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.



КОХА:  Деновиве сме сведоци на пинг-понг политика од страна на претседателот Пендаровски и Владата во врска со проблемот на граѓаните за важноста на пасошите и личните карти. Што се случува и како гледате на оваа небулозна состојба?

ТРАЈКОВА: Никогаш во Македонија не се живеело полошо, во секоја област и на секое поле. Во Македонија моментално се спроведува холокауст на македонскиот народ. Македонските граѓани без разлика на кој етникум припаѓаат секојдневно се сведоци на корупција, нефункционално здравство, убиства, улични тепачки, судски систем кој воопшто не функционира, но и за сето ова да биде крунисано со секојдневно малтретирање на истите тие граѓани да чекаат со часови и денови да извадат нова лична карта или пасош и тоа не по нивна вина.  Ако некој граѓанин треба итно да патува на лекување во Виена, на пример, нема да може тоа да го стори затоа што Ковачевски и Пендаровски не знаат чија надлежност е да најдат решение за проблемотсо пасошите и другите лични документи. Замислете некоја мајка си го чека своето дете да си дојде од Америка, а заминало само заради нефункционирањето на македонскиот систем воден од овие горенаведени политички актери и истото нема да може да се врати, само затоа што Пендаровски и Ковачевски си ја префрлуваат топката кој треба да крене слушалка во Грција.

Вината е кај некој функционер кој потпишал нешто, за кое најверојатно бил свесен дека ќе создаде хаос, но воопшто не водел грижа за граѓаните. На оваа беспарица и кога граѓаните едвај врзуваат крај со крај, треба да одвојат и до 10.000 денари од нивниот месечен буџет за да ги заменат личните документи за себе и своето семејство. За проблемот биде уште по сериозен, иако го гледаат народот како се мачи секојдневно, си играат мајтап на негова сметка со смешни изјави во јавноста чија надлежност е јавувањето до грчките власти за да се побара решение. Небулоза! Невидено понижување на народот! Македонија е претворена во балканска депонија.

КОХА: Состојбите во Републички судски совет. Имаше обвинувања за политичко мешање, па дури и меѓународни реакции. Каков впечаток оставаме пред меѓународната заедница?

ТРАЈКОВА: Од случувањата во Републичкиот судски совет, само можеме да видиме дека и Претседателот има лична одговорност за спуштањето на нивото на оваа институција. И двајцата негови кандидати, кои ги предложи за членови на Советот, се истите тие кои ги направија сите превирања и кавги на сметка на одличната можност која ја имаа за да го кренат нивото на една ваква институција која треба да биде стожер на почитување на правото и правната држава. Жалосно е што Претседателот ниту во овој случај не реагираше туку остана да биде само набљудувач на состојбите. Затоа граѓаните на Македонија имаат се помалку доверба во институцијата Претседател на државата особено лична доверба во него. Ако сите ние очекуваме дека еден Претседател на државата треба да биде коректор на потезите на власта, најмалку што треба да гледаме дека не е санкциониран или макар повикан на одговорност некој што е негов личен избор.

КОХА: Во вашето последно интервју рековте дека претседателот Пендаровски е нем набљудувач на состојбите потпишувајќи укази за упатување на амбасадори без собраниска процедура. Што се случува?

ТРАЈКОВА: Претседателот Пендаровски сите овие години не направи апсолутно ништо да ја подобри положбата на дипломатите кои работат за интересите на Македонија, не го спречи прекршувањето на Законот за надворешни работи при упатување на амбасадори и конзули туку напротив, ги стимулираше ваквите појави. Исто така, секој новинар или независен аналитичар може слободно табеларно да провери колку посети имал Претседателот Пендаровски изминатиот мандат, во соседството или подалку каде го наметнал интересот на македонскиот народ или покренал иницијатива за подобрување на положбата на Македонија. Веројатно, нула! Со кој државник од светот, ЕУ и регионот се сретнал за да зборува за македонските работи?

Истото е и со хаосот со указите за упатување на амбасадори кои ќе ја претставуваат Македонија во светот. Замислете, пред неколку недели потпиша укази за шест амбасадори без истите да ги претстават своите тези пред собраниската комисија за надворешни работи, како што пропишува Законот. Истиот случај се повтори и пред некоја година, кога на ист начин беа упатени уште четири амбасадори, меѓу кои беше и Фрчкоски. Тој со неговото делување докажа дека е само нем оверувач на секоја одлука која му се сервира од власта.

КОХА: ВМРО-ДПМНЕ постојано ја обвинуваат за партија која шири албанофобија. И, во некои случаи, ги докажала наводите. Последниот случај беше со обвинувањата кога беше именуван премиерот Талат Џафери. Ваш став околу ова прашање?

ТРАЈКОВА: ВМРО-ДПМНЕ е државнотворна партија која се залага за право и правна држава и по идеологија и по својот Статут. ВМРО-ДПМНЕ е партија која апсолутно нема ништо против некого доколку тој некој го почитува законот, не прекршува собраниски процедури и не злоупотребува европско знаменце за небулозни законски решенија кои се на штета на граѓаните.

Дали можеби е албанофобија кога ВМРО-ДПМНЕ бараше одговорност за Беса Транс, каде 45 луѓе ги загубија своите животи заради нечија неодговорност?

Дали е албанофобија кога ВМРО-ДПМНЕ укажуваше на криминалот на струшкиот градоначалник Мерко а Соединетите Аерикански Држави го ставија на црната листа за криминал и корупција?

Дали можеби ВМРО-ДПМНЕ се албанофоби кога укажуваат за субстандардните услови во кои се лекуваат и Македонци и Албанци и Турци и Срби и Роми? Дали случајот со онкологија е албанофобија каде умираа сите подеднакво?

Албанофобија ли е кога ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност за модуларната болница во Тетово, каде што живи изгореа 14 луѓе? Одговорот на сите овие прашања е НЕ!

Целото интервју на следниот линк:

https://mk.koha.mk/%d0%b5%d1%82%d0%b8%d0%ba%d0%b5%d1%82%d0%b0-%d0%b4%d0%b5%d0%ba%d0%b0-%d0%b2%d0%bc%d1%80%d0%be-%d0%b4%d0%bf%d0%bc%d0%bd%d0%b5-%d1%81%d0%b5-%d0%b0%d0%bb%d0%b1%d0%b0%d0%bd%d0%be%d1%84%d0%be%d0%b1%d0%b8/