Не можам да го сфатам наративот на притисоци, етикетирања, заплашувања и празноговор кои деновиве ги читаме од Владата, албанските политичари и меѓународните емисари. Како сите да се откроени од реалноста и зборуваат тоа што сакаат да биде, а не тоа ште реално е состојбата во Македонија.



Не ја сфаќам истрошената и никогаш успешна стратегија на сеење страв, политичката празнотија исткаена во прости, но набиени зборови и неискрени “ветувања” за дестабилизација и конфликт во државата, за делење, за сечење, за замрзнување, ко небаре Македонија да е заклана свиња која треба да се дере, сече, делка и и на крај да се замрзне во “длабоко”, пишува во поширока објава на Фејсбук директорката на Институтот за медиуми Жанета Трајкоска.

„Зарем ниту малку не научивте од последните години дека на етничките Македонци им е преку глава од вашите флоскули за светла иднина во ЕУ( која еве уште утре почнува), дека ова е навистина последна етничка и национална отстапка, од хистеричните изјави на албанските политичари од позиција на сила дека ако сакаат ќе ја распарчат државата и од евтините површни и бирократски изјави на ЕУ наречниците и меЏународниот фактор.

Никогаш ниту едно решение што е донесено со силата на меѓународниот булдужер дипломатија не дала долгорочно решение и прогрес. Не за обичниот човек, за локалецот кој веќе не живее тука, туку печали некаде надвор од Регионот. Погледнете околу нас и кажете кој живее добро после брзоплети решенија со фокусиран притисок кон послабиот (читај Македонија)!? Кај нас секако не живееме подобро, без оглед дали сум Жане, Ениса, Лејла, Атиџе…

И сега? Како не научивте дека колку повеќе притискате, се заканувате, подлажувате со насмевка обвиткана во бирократско целофанче, луѓето одат на другата страна? Па и сега да има 2/3 мнозинство, на избори нема да имате ни 1/3 гласови.

Дека довербата во ЕУ ќе се намалува, а дупката меѓу македонските и албанските граѓани ќе е се поголема? Наместо инклузивност и еднаквост за сите ќе имаме страв, бес, нетрпение и повисоки ѕидови.

А како цреша на овој неуспешен притисок и заплашување ја имате бугарската политика и нејзините репрезенти кои не пропуштаат ниту една прилика да го потценат Македонецот, да му се исмеат, да му кажат дека не постои, да лажат за историјата и најважно, од позиција на ЕУ членка да не увери и да ни докаже со факти дека за кршењето на цивилизациските основни човекови права имаат полна поддршка од ЕУ, оти таа сега нема време да се занимава со суштината на неправдата во македонско-бугарската епопеја.

Таа сака само да затвори едно прашање денеска. За тие што ќе се појават утре, ќе притиска пак…погодете на која страна?! А во меѓувреме ќе се распаѓа и тоа малце држава и ќе се краде, краде, краде…”

И дека за сите и секаде ќе важат истите стандарди.

Зашто нема како да влеземе во ЕУ, ако не можеме да влеземе ни во наше Слупчане без полициска придружба. Или да наплатиме данок во Арачиново.Кој ќе ни гарантира еднаков третман во ЕУ, ако не сме се избориле ни сите клубови да имаат еднаков третман и можност за тренинг на стадионот во Тетово.

А, тие што денес дискриминираат, направија кариери врз наративот за дискриминација. Како ќе играме во европска лига ако дома се однесуваме како дива лига? Како ќе градиме европски стандарди ако државата се раководи од партиските штабови, а не од институциите, или ако не се знае дали Ахмети е лидер на партија, министер за транспорт или и двете заедно?

И зошто на премиерот не му пречи непостоењето граница меѓу партиите и државата, или заради нешто мора да ги премолчува таквите екскурзии?

Ако (не)успешноста на уставните измени се дисеменираат кон два правца – интеграција или изолација, тогаш институционалното поигрување и понижување на државата може да оди кон многу пострашни „дестинации“.

Однесувањето – не гледам, не слушам – не значи дека не постои проблем.

Кога ќе биде забележан, може да биде многу доцна. Не за уставните измени, за државата“, предупредува Трајкоска во објава на Фејсбук