Пратеникот Пале Трајанов, лидер на Демократскиот сојуз во изјава за Плусинфо потврдува дека група пратеници предложиле измени на постојниот Закон за државјанство.



„Седум пратеници предложиле измена на Законот за државјанство на Република Северна Македонија, по скратена постапка, без претходна анализа, со цел на над 70.000 граѓани со постојан престој (овој податок никој не го проверил и потврдил) во Македонија  да им се признае македонско државјанство. При што интересна е идејата за доказ дека до 8 септември 1991 година живееле (имале постојан престој) во Македонија, покрај другото да може да се докаже и со двајца сведоци. Се работи за законска материја која е регулирана и со меѓународни конвенции, сите држави имат ригиден пристап при признавање на статус на државјанин на одредена држава, при што секаде се бараат идентични услови кои мораат да се исполнат“, вели Трајанов.

Тој смета дека ваков закон, прво треба да се носи во редовна постапка, потоа треба детална анализа од страна на Владата и да има јавна расправа.

„Треба да се проценат ефектите од една таква операција и што е најважно дали навистина има 70.000 граѓани кои се без државјанство, а кои пред осми септември 1991 година прстојувале најмалку 8 години во Македонија и сл. Во законот има и други решенија кои  се спротивни на меѓународните стандарди, да се стекнува со двојно државјанство итн“, вели Трајанов за Плусинфо