Лидерот на Демократски сојуз Павле Трајанов синоќа изјави дека не очекува дека ќе се обезбеди поддршка од 80 пратеници за уставните измени.
Претседателот на Демократскиот сојуз истакна дека неговата поддршка за промена на Уставот е условена со признавање на правата на Македонците во Бугарија.
„Мислам дека тие најави дека дел од пратениците од опозицијата ќе се премислат се шпекулации и не очекувам дека во овој парламентарен состав ќе се случат тие промени, а веројатно ќе се одржат предвремени избори, рече Трајанов во гостување на Канал 5 ТВ.
Трајанов, се осврна на регистрацијата на здруженија кои носат имиња на докажани фашисти и оцени дека тоа е на штета на односите меѓу Македонија и Бугарија.
„Мислам дека одговорноста лежи кај државните институции кои дозволуваат регистрација на здруженија на граѓани со различни имиња кои апсолутно не се прифатливи за граѓаните, за јавноста, бидејќи се работи за поранешни соработници на Хитлер, на фашизмот, или, пак, во тоа време извршувале високи државни функции во Бугарија“, рече Трајанов.







