Трајанов: Ќе има вонредни избори ако нема согласност за една изборна единица

Несогласноста за една изборна единица води кон избори, односно ако предложеното законско решение биде блокирано, наш предлог ќе биде – вонредни избори, изјави претседателот на Демократски сојуз Павле Трајанов.



Предлогот за вонредни избори би бил доставен доколку ситуацијата тоа го дозволува, односно, како што вели Трајанов, доколку биде завршена војната во Украина, а во земјава имаме стабилна безбедносно-политичка состојба.

Лидерот на ДС оценува дека конкретниот предлог за една изборна единица наиде на внимание „кај двете страни на политичкиот спектар“, откако пратениците од ДС, ДОМ, ЛДП, ВМРО-НП и ДПТ, како членки на владејачката коалиција во јануари поддршката на новата Влада на Димитар Ковачевски ја условија со барањето „во рок од три месеци да се донесат измените на Изборниот законик”.

„Тоа ја стави Владата под притисок одвнатре, во време кога опозицијата континуирано бара предвремени избори. Како ќе заврши ова барање ќе зависи од фактот дали ќе биде обезбеден консензус меѓу сите партии, но се чини дека и ако не биде обезбеден, малите партии кои се дел од владејачката коалиција сега нема лесно да се решат да ја откажат поддршката на Владата, заради актуелниот момент“, вели Трајанов потсетувајќи дека на тоа укажал деновове.

„Но, ако повторно прават трикови, крајниот чекор ќе биде да ја откажеме поддршката на Владата и да одиме на предвремени избори.

Сепак тоа нема да го сториме сѐ додека трае кризата во Украина”, вели Трајанов, а Демократски сојуз потсетува дека тоа лидерот на партијата го најави уште минатата недела во изјава за „Слободен печат”.