Производителите очекуваат откупна цена на ајварката од 50 до 60 денари, а граѓаните очекуваат и многу повисока цена од оваа. Во месецот на правење на пазарите се очекуваат високи цени бидејќи луѓето се свесни дека веќе нема евтина пиперка ниту за јадење ниту за правење зимница, анализира Плусинфо. мк
Дел од граѓаните изминатите години се откажаа од правење ајвар, поради високите цени на производите од кои се прави овој македонски специјалитет и се определија да го набават во маркет. Но, има и такви кои се упорни да направат барем 10 тегли.
– Сè уште е скапа ајварката, но ако сакаме домашен ајвар ќе треба и да платиме повисока цена. Пиперот годинава е многу скап. Моментално на пазарите го има и за 180 денари, но и за половина од таа цена и за 50 и 60 денари зависно од видот и квалитетот и се разбира од пазарот од кој се купува. Очекувам и повисока цена од 50 денари за ајварката бидејќи слушам дека земјоделците очекуваат оваа цена да им биде откупна, а од нив до нас додека дојде, таа ќе стигне и до 100 денари. Тоа значи дека помалку ајвар ќе правиме – вели скопјанка.
Таа додава дека за ајвар освен пиперката потребен е и модар патлиџан чија цена годинава скокна на 100 денари, како и масло за јадење.
– Цените се далеку повисоки од ланските. Маслото веќе знаете дека е поскапо, а модриот патлиџан зависно од големината оди и до 120 денари парче. Ако си помлад и шеташ по пазарите можеби ќе најдеш и три килограми за 100 денари, но тој е поситен и ќе треба повеќе да се купи за да се добие квалитет на зимницата. Потребни се и дрва и тегли, а да не зборуваме дека ќе потрошите најмалку 2 дена за подготовката. Кога ќе се собереш се, станува неисплатливо. Затоа и голем број граѓани се откажаа од правење ајвар и одат да купуваат во маркет – вели таа.
За 10 тегли домашен ајвар вообичаено е потребно 30 килограми пипер, 8 модри патлиџани и просечно 1,5 литри масло за јадење.
Моменталната цена на пиперот се движи од 50 до 100 денари зависно од кој пазар е набавен, на модриот патлиџан е од 57 до 130 денари, а маслото за јадење зависи од кој бренд е и во кој маркет се купува. Од ист бренд може да се купи од 79 денари до 109 денари литар.






