Тортевски: „Кога ќе дојдат на власт корумпираните политичари ја ‘наплатуваат’ ‘сиромаштијата’ од опозициските денови“

„Кога на последните случаи ќе се надоврзат и претходните афери на висока корупција низ неколку владини гарнитури, може да се заклучи дека, всушност, не постои волја за искоренување на високата корупција во Македонија!“ – вели Јасминка Павловска во својата анализа со наслов „Сраснатост на државата со корупцијата?!“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.

„Висока корупција – синдром на недопирливост или пресметан политички ризик?“

Павловска пишува: „Кога ќе стивнат сензационалистичките гласини од секоја нова афера со висока корупција во Македонија, дури и кога случаите добиваат правна разврска, повторливоста на тие дела ја остава јавноста со прашалници и во недоумица за капацитетот на општеството да учи од веќе направените грешки – туѓи и свои. Корупциските афери произлезени од дејствувањето на две личности на иста функција (едниот го наследува другиот) во краток временски период, во голема мера ја надминува теоријата за ‘поединечна морална слабост’ и отвора прашања за можноста за системска толеранција (па и дури и мотив) за такво однесување.“

„Од сите коруптивни афери што излегле во јавноста, во кои дури е нескриено повторувањето на „шемата на престапот“, може да се заклучи дека политиката се сфаќа како средство за лично богатење. Казната, или судските процеси, се сфаќаат како одреден пресметан ризик во однос на придобивките од извршениот престап. Политичарите дури се подготвени да чекаат осум години во опозиција, за кога ќе дојдат на власт да ја наплатат ‘сиромаштијата’ од опозициските денови. Искуството покажува дека кога се во системот, тие се неприкосновени и недопирливи.’ – наведува адвокатот Александар Тортевски во врска со повторливоста и неискоренувањето на високата корупција во Македонија, и покрај сите јавни политички изјави и предупредувањата од меѓународниот чинител.“



„Крајна нефункционалност на државата на правно-судски план“

„Правниците ќе направат некој закон, но ќе остават некој навидум ситен незабележлив пропуст, некоја недореченост за непредвидена ситуација. Таквата недореченост остава простор за развивање еден општ коруптивен дух. Во одредена општествена организација има прилив на пари, но и законска недореченост за нивно наменско трошење. Така се раѓа тој дух на коруптивно однесување, што се вградува во законите и во системот.’ – вели универзитетскиот професор по социологија Илија Ацески. Тој смета дека острата транспарентност на секое трошење јавни пари е почеток на справување со корупцијата.“

„Земајќи ги како повод последните афери на висока корупција во Владата, универзитетскиот професор по филозофија Љубомир Цуцуловски оценува во Македонија преовладува сраснатоста на државата со корупцијата. “Самата функција овозможува комотно криминално однесување. Новите што доаѓаат на истата функција довршуваат стари, недовршени работи. Не е во прашање само функцијата, ниту моралот на одредени личности, туку нефункционалноста на државата на правно-судски план. Личностите на високи функции не би можеле да задоволуваат ничии апетити кога државата навистина би ги спречувала. Сега постои сраснување на државата со корупцијата.’ – вели Цуцуловски.“

Интернет-врска до целата анализа:

https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/fenomen-na-srasnatost-na-drzhavata-so-korupcijata/