Гасната централа ТЕ-ТО во текот на ноември, кога беше постигнат договор со ЕСМ за набавка, произвел 36.000 мегаватчасови топлинска енергија која се користи за дополнително парно греење на скопјани. Оваа количина е објавена на сајтот на скопската когенеративна централа која од природен гас примарно произведува електрична енергија, а секундарно и топлинска.
Регулираната цена што во услови на кризна состојба ја донесе Владата е 58 евра по мегаватчас. Тоа значи дека за неполн месец ТЕ-ТО заработил нешто повеќе од 2 милиони евра. Ова може да се смета како екстра заработка за акционерското друштво, бидејќи топлината може но и не мора да ја продаде, ако се знае дека продажбата на електричната енергија е примарен бизнис.
ТЕ-ТО не беше вклучен во испораката на топлинска енергија со почетокот на грејната сезона, поради ремонтот во текот на октомври, а според владината одлука која ја регулира цената, договорот со ЕСМ започнал од 7 ноември. Во овој период парното на скопјани го загреваа единствено топланите Исток и Запад. Капацитетот на ТЕ-ТО за производство на топлина е многу поголем и се очекува во текот на зимските месеци испораката да биде позабележителна.
Топлината која се генерира во рамките на производниот процес на постројката се предава на градскиот топлински дистрибутивен систем, кој поради енергетската криза сега е под раководство на ЕСМ.
Владата со одлука за превземање на дополнителни количини на топлинска енергија во услови на кризна состојба објави дека на ТЕ-ТО ќе му плаќа по 3.589 денари по мегаватчас додека трае грејната сезона.
„Во услови на произведена топлинска енергија, согласно мерката од член 1 од оваа одлука, Друштвото за дистрибуција на топлинска енергија ЕСМ ДИСТРИБУЦИЈА НА ТОПЛИНА ДООЕЛ Скопје ја откупува произведената топлинска енергија на Друштвото за производство на електрична и топлинска енергија ТЕ-ТО АД Скопје, во количини утврдени за спроведување на режимот за работа на топланите и на дистрибутивниот систем на топлинска енергија согласно правата и обврските меѓусебно утврдени со склучен Договор за купопродажба на топлинската енергија, по цена од 3589,00 денари за мегават час“, гласи во одлуката.
ТЕ-ТО во текот на ноември произвел и 125.000 мегаватчасови електрична енергија, но таа ја продава на слободниот пазар.






