Топланата Скопје Север веќе користи мазут, но емисиите никој не ги мери – допрва се бара фирма за тоа

Светнува ли опасно црвениот аларм за еколошките здруженија. Загаденоста во главниот град има изгледи дека во наредните денови дополнително ќе се зголеми, откако една од топланите во земјава, Скопје Север, веќе користи мазут за нејзино загревање, за домаќинствата кои таа ги снабдува.



Не е потребно да се објаснува колку е штетен мазутот како енергенс, особено во услови кога тој се користи во главниот град на земјава, кој и онака географски е подложен на загадување, бидејќи е котлина и често е нападнат од магли кои ги задржуваат долу опасните материи.

Топланата Скопје Север има еколошка дозвола да го користи мазутот за загревање, но токму според таа еколошка дозвола, топланата е прецизно обврзана да ги мери емисиите во воздухот, и што е уште побитно, да не ги надмине границите на емисиите кои се наведени во дозволата во соодветниот временски период.

Еве всушност што е наведено.

„Операторот ќе врши мониторинг на параметрите наведени во табелите 6.1.5 (А) и 6.1.5 (Б) на точките на емисија и најмалку со фреквенции наведени во тие табели во зависност од енергенсот кој го користи во соодветниот временски период. 6.1.4 – доколку операторот ги стартува и ги стави во функција котлите на енергенс мазут, без одлагање треба да го извести надлежниот орган, да изврши мерења на емисиите при стартување и да ги достави извештаите од мерењата до надлежниот орган“.

Инаку, топланата Скопје Север работи комбинирано и на гас и на мазут. Тоа, пак, се должи на фактот што таа топлана нема доволно пари да обезбеди гас за непречена работа до крајот на грејната сезона.

Од тие причини, намерите се да се користи мазутот кој таа топлана го има како резерва, но, иако за тоа има еколошка дозвола, мора да ги почитува строго пропишаните правила на игра, односно да ги мери и да не ги премине емисиите во воздухот кои се наведени во дозволата.

Дека веќе се користи мазут во топланата Скопје Север потврди и директорот на таа топлана, Куштрим Рамадани. Тој во изјава за Телма рече дека топланата го користи од овој енергенс од сопствените резерви, но засега нема податок од кога е мазутот, ниту, пак, за тоа каков е неговиот квалитет.

Инаку, топланата Скопје Север работи на гас, но го користи мазутот како алтернативно гориво, а Рамадани појасни дека тоа се прави со цел за да се провери дали сите постројки се во функција, но и поради цената на гасот, поради што мазутот бил поисплатлив.

„Ние имаме обврска според Законот за енергетика да чуваме залихи на алтернативно гориво. Така што, од тие залихи што ги имаме во Скопје Север, употребуваме мазут како алтернативно гориво. Согласно дозволата што ја имаме, согласно Законот, се известени икстиот ден кога ја почнавме пробата на постројките“, изјави Рамадани.

Како што објаснува првиот човек на топланата, Скопје Север има Б интегрирана еколошка дозвола издадена од Град Скопје. Согласно таа дозвола, пак, топланата има обврска, како што е наведено во точките 2.2.6 и 2.3.7, да ги извести надлежните органи и да доставува спецификација за квалитетот и количината на горивото, но и да се мери количината на штетни материи кои се испуштаат во воздухот.

Еве всушност што е наведено во таа дозвла.

„Кога операторот ќе користи мазут како погонско гориво, ќе го извести надлежниот орган и ќе доставува спецификација за квалитет и количина на горивото и истото ќе биде во согласност со Правилникот за квалитет на течни горива“. Оваа Одлука е објавена и во „Службен весниик“.

Или, како што вели Рамадани, во услови на користење на мазут како погонско гориво, операторот се обврзува да ја достави количината на создадениот депозит при перење котли, негова хемиска анализа и договор за превземање на депозитот со преземачот.

Првиот човек на топланата Скопје Север нагласи дека распишал тендер за фирма која ќе го мери загадувањето. Тоа, пак, говори дека сеуште никој не го мери загадувањето што го продуцира топланата Скопје Север, што значи дека не се почитуваат правилата утврдени со Правилникот.

Во врска со влијанието на мазутот врз квалитетот на воздухот во главниот град и ефектите врз животната средина, Рамадани изјави дека мерењата ќе бидат направени во следните денови.

„Секако дека природниот гас е доста поприфатлив за околината, но кога гледаме секој ден со дивите депонии колку се загадува, ова загадување е минорно“, е ставот на Рамадани.

Додека, пак, за тоа како ќе се регулира работењето на топланата, се уште постојат преговори меѓу менаџментот на Топланата од една, и Владата и ЕСМ од друга страна. Но, сепак сеуште не е постигнат договор, а се споменува дека е можна и опцијата закуп на таа топлана, по истиот пример како оној на топланите Исток и Запад.

Инаку, Рамадани за ТВ Телма потврди дека се разговарало за таков закуп на топланата, но, се прашува што ќе смени тоа во врска со државната помош.

„Ние мислиме дека сме обесправени во таква ситуација. Тоа му доаѓа како да одиме од Скопје за Куманово преку Охрид“, рече првиот човек на топлана Скопје Север.

Извор: Фактор.мк