Кирил Топалов, член на бугарскиот дел од Мешовитата комисија со Македонија за историски и образовни прашања, порачува дека никој не може да ја принуди Бугарија да му попушти на западниот сосед поради консензусот околу македонската кауза, како што вели.



„Над 86 проценти од Бугарите се обединети околу идејата дека ние не можеме да се откажеме од нашите историски корени и од нашиот историски идентитет. Оваа идеја веќе 80 години го обединува речиси целиот бугарски народ“, изјави тој за Бугарската национална телевизија (БНТ).

Тој забележува дека на надворешнополитички план Бугарите се ориентирани во две насоки – едни ја претпочитаат европската ориентација на Бугарија, други руската, а единственото што ги обединува е македонската кауза.

„Треба веќе да го заборавиме тоа дека ни се браќа, братучеди итн., туку на нив треба да гледаме како на соседна држава, кон која се однесуваме со симпатија, со доверба, но и таа треба да ни врати на ист начин“, додава историчарот.

Според Топалов, добро е Македонија да влезе во ЕУ, но дури откако ќе се реформира. Според него, апсурд е предлогот на македонскиот дел од комисијата за Цар Самоил да се каже дека бугарската гледна точка е оти тој е бугарски цар, а македонската – македонски цар.

„Во таа држава ние сме окупатори, фашисти, разбојници. Ако Северна Македонија сака во ЕУ, треба да ја прифати доста компромисната варијанта што ѝ ја предлагаме – од 1944 година има македонска државност, пред тоа – не. Заедничка ни е историјата до 1944 година. Тоа што биле поробувани од Срби и од Грци по Балканската и Првата светска војна, не ги прави Македонци“, заврши Топалов.