Не можеш да го жртвуваш бугарскиот идентитет во име на бизнис односите со Македонија. Политичарите кои ќе ја предадат бугарската кауза во РС Македонија се осудени на политичко самоубиство, веи во интервју за БГНЕС професорот и член на Мешовитата бугарско-македонска комисија за историски прашања КирилТопалов.



Тој го изнесува веќе многупати слушнатиот став дека „Македонија останува последниот бастион на титоизмот, дека земјата е зависна од Србија и продолжува да е одвоена од Бугарија, практично без комуникација меѓу Скопје и Софија“.

Вели дека бугарската рака е подадена, но дека „Македонија има автопатишта кон Србија, Грција и Албанија, додека патот од нашата граница до Скопје наликува на пат од средината на 50-тите години од минатиот век. Според денешните стандарди, практично нема пат. Очигледно е дека оваа држава не сака да има комуникации со нас“, вели Топалов за БГНЕС.

Топалов тврди дека во Македонија има јазик на омраза кон Бугарија, кој, како што вели, трае 80 години.

„Жално е што понекогаш создавањето на идентитетот на еден народ минува преку градење омраза кон соседот, а во нашиот случај – најблискиот роднински народ со кој до 1944 година бевме едно“, изјавил бугарскиот професор.

Во интервјуто, Топалов уште вели дека „Македонија не е независна држава. Зависна е од Србија, секој нејзин потег е диктиран од Белград. Треба да ги бараме подлабоко корените на проблемите и да не негуваме многу оптимизам дека лесно ќе се справиме со антибугаризмот таму“, вели Топалов. БГНЕС