Топалов: Бугарија од Македонија бара илјада пати помалку отколку Грција!

Писателот и поранешен дипломат Кирил Топалов, бугарски член на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања, смета дека барањата на Бугарија од Македонија се неспоредливо помалку од тие на Грција до Преспанскиот договор.



„Сто пати сум кажал и пак ќе повторам – ние не бараме од нив толку колку што бараше Грција. Ние бараме илјада пати помалку. Ние им признаваме државен идентитет од 75-80 години. Постои ли таква држава? Постои. Како е создадена, тоа е друго прушање – дали ја создаде Коминтерната, дали Георги Димитров му ја подари на Тито итн. Но, постои таа држава и не можеме да ѝ го негираме државниот идентитет. Што бараме ние од нив? Ние им велиме: ‘Ви признаваме државен идентитет, ви признаваме дури и дека јазикот ви е доста променет од бугарскиот дијалект, има многу србизми и зборови од западноевропските јазици и тука сме малку потолерантни. Ништо друго не бараме од нив да признаат освен дека до 1944 година сме биле еден народ со еден ист јазик, ништо друго“, изјави Топалов во интервју за Бугарското национално радио (БНР), нагласувајќи ја „чудовишната отстапка“ од Македонија кон Грција со промената на државното име и откажувањето од античкото наследство.

„Кога преговараа со Македонија, на Грците им беше полесно, зошто не им се братучеди, а ние сме им братучеди и имаме сентимент кон нив. Та сите ние имаме живи роднини таму!“, додава тој.

„Според мене, тоа прашање (преговорите со Македонија – н.з.) изгледа нерешливо. А кој ќе си дозволи да ја предаде таа кауза, засекогаш ќе биде непостоечки во бугарската историја. Треба да се знае тоа“, порача амбасадорот на Бугарија во Атина пред 20 години.