Кирил Топалов, член на бугарскиот дел од мешовитата комисија со Македонија за историски и за образовни прашања, предупредува дека, ако западниот сосед влезе во Европската унија ваков каков што е, тој би бил најголемиот непријател на Бугарија!
„Како граѓанин, можам да кажам дека, ако влезе оваа Република Северна Македонија, со оваа свирепа антибугарска политика, не можам дури ни да си замислам што нè очекува од неа во Европската унија. А како член на комисијата, јас не давам препорака, туку давам експертиза“, изјави професорот за бугарската телевизија Канал 3.
Во однос на натегањето за Гоце Делчев, и Топалов ја застапува новата формула од Софија.
„Ако Македонците прифатат дека Гоце Делчев е регионален Македонец од бугарскиот етнос, тогаш и ние би се согласиле со оваа двојна формула. Јас самиот сум регионален Македонец, зошто семејството ми доаѓа оттаму, но сум Бугарин по народност. Една третина од Бугарите имаат корени од тој регион“, објасни тој.





