Израел објави дека пресретнал ракета истрелана од Газа, околу еден час пред крајот на примирјето со Хамас. „По првичниот извештај за звук на сирени во заедниците во близина на Појасот Газа, системот за воздушна одбрана на ИД успешно пресретна лансирање од Појасот Газа“, објави израелската војска.
„Хамас не ги ослободи сите заложници, како што беше договорено. Исто така, лансираше ракети кон Израел. Борбите продолжуваат. Израелската влада е посветена на постигнување на целите на војната: ослободување на заложниците, елиминирање на Хамас и обезбедување Газа никогаш повеќе да не претставува закана до народот на Израел“, се вели во соопштението од кабинетот на Нетанјаху.
Палестинските медиуми известуваат за израелските воени напади на северот и југот на Газа. „Извршени се неколку воздушни напади во јужниот дел на Појасот Газа“, соопшти Министерството за внатрешни работи и национална безбедност на Хамас. Израелските одбранбени сили (ИД) објавија дека со борбени авиони гаѓаат цели на Хамас во Појасот Газа.
Министерството за здравство во Газа, кое е под управа на Хамас, објави дека 14 Палестинци биле убиени во израелските напади од крајот на прекинот на огнот.
„Израелските сили фрлаат летоци во Кан Јунис, барајќи од жителите да се евакуираат во Рафах. Од друга страна, тие го таргетираат и Рафах“, пишува Ал Џезира.





