Јапонец кој се борел во редовите на единиците на странските платеници на страната на украинската војска загинал во Украина и е првата потврдена јапонска жртва во војната, соопшти во петокот владата во Токио.
20-годишникот загинал во борба во средата, изјавил за новинарите портпаролот на јапонската влада Хироказу Мацуно, потврдуваат јапонски медиуми.
Функционер од јапонското министерство за надворешни работи изјавил за AFP дека момчето е првиот јапонски државјанин кој загинал во Украина „од почетокот на инвазијата во февруари“.
Јапонската влада со месеци ги повикува своите државјани да ја напуштат Украина и да не патуваат во оваа земја.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски во февруари отворено ги повика странците од цел свет да се приклучат на „Меѓународната легија“ кој се бори против Русија, иако според некои аналитичари извесен број странски граѓани и претходно биле вклучени во украинската војска
Околу 20.000, меѓународни доброволци како што ги нарекува Киев, повеќето од европските земји, во март дошле во Украина, рече тогаш за американската телевизија CNN украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.






