Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ вели дека Коридорот 8 е најважниот инфраструктурен проект на оваа Влада и сите вложувале максимални напори тој да успее. Оттаму, не е чудно назначувањето на неговиот колега Артан Груби за координатор на изградбата на автипатиштата, патот Блаце-Скопје, пругата Кичево-Лин и граничните контроли кон Косово и Албанија.
„Тоа што Владата одлучи вицепремиерот Груби да биде координатор на овие активности значи дека има потреба од посилна координација затоа што има надлежности кои припаѓаат на Министерството за транспорт и врски, тие се многубројни и никој не ги одзема, напротив ќе ги спроведуваат МТВ. Но, исто така, има многу процедури и акции кои треба да се преземат во однос на меѓусебна комуникација на инстутуциите, дозволи, процес на експропријација. Навистина има многу работа во тој проект и затоа еден од вицепремиерите е задолжен да го следи спроведувањето и да биде еден вид на надзор и поддршка на тој процес.
И тоа не е првпат и тоа не е ништо чудно“, рече Маричиќ одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес конференција со неговата српска колешка Тања Мишчевиќ.






