Тинејџер кој носел наци-симболи уби професорка и три ученички во Бразил

Во пукање во две училишта во Бразил од страна на 16-годишен тинејџер кој носел нацистички симболи загинаа вкупно четири лица, три на местото на настанот и една професорка која подоцна почина од раните, соопштија властите.



Властите во градот Аракруз, во државата Еспирито Санто, соопштија дека некои од 10-те ранети, меѓу кои тројца наставници и еден ученик, се во тешка состојба по нападот во петокот, кој ја шокираше земјата која бележи пораст на престрелки во училиштата во последните години.

„За жал, трагедијата на Аракруз сè уште не е завршена“, рече гувернерот Ренато Казагранде во саботата.

„Со длабоко жалење ја потврдуваме смртта на уште една жртва, професорката Флавија Амбос Меркон“, напиша на Твитер гувернерот, кој прогласи тридневна жалост во Еспирито Санто.