„Тесто“ над Скопје, страшна слика од милениумскиот крст, сонце само на врв на Водно

Македонија, но и Скопје и натаму се дават во смог и густа магла, која иако во дел од градовите малку попушти, сепак мерните станици покажуваат зголемено присуство на штетните честички во воздухот и до 10 пати над дозволената граница. Мерки и натаму нема ни за лек, а од Инстутутот за јавно здравје дадоа само препораки до граѓаните за заштита од аерозагадувањето. Советуваат лицата со респираторни проблеми да не излегуваат ако немаат потреба, посебно бремените жени, лицата со хронични заболувања, пациенти со астма, луѓе кои работат на отворено.



Еко активистите по кој знае кој пат алармираат дека состојбата кај нас не чини, и дека државата мора сега и веднаш да изнајде начин како да се ублажи алармантната состојба која го труе народот.

И додека надлежните алармираат дека состојбата е загрижувачка, граѓаните кои сакаа да видат сонце и да подишат почист воздух побегнаа на Водно.

Загадениот воздух силно удрира по најмладите, кои и тие спасот го бараат на врвот од планината. Велат дека надлежните, мора сериозно да поработат на решавање на овој проблем. За возење со скопската жичница имаше голема редица. Граѓаните со душа чекаа да се качат горе.

Скопје веќе неколку дена по ред е под густа магла која е во комбинација со аерозагадувањето. Вака изгледа Скопје од врвот на Водно. Ако се погледне од тука од врвот на планината, тешко дека ќе се види главниот град, а сега најново е што не може да се видат ниту висококатниците на Џевахир во скопски Аеродром.

И додека екологистите алармираат, Скопје и натаму е еден од најзагадените градови во светот. Страницата „Ај Кју Ер“,објави дека главниот град на Македонија се наоѓа на високото 14-то место на листата со најзагадени градови. Освен во Скопје, загаденоста е висока во речиси сите поголеми македонски градови, како што се Тетово, Гостивар, Битола, Струмица и Прилеп.