Макароните и шпагетите ќе поевтинат за 15%, a млекото, белото сирење, кашкавалот, киселото млеко, павлаката и јогуртот за 10%. Владата донесе две одлуки за замрзнување на цените на тестенините и млечните производи, како и за укинување на царинските давачки за увоз на шпагети и макарони, кои слабо или воопшто не се произведуваат во земјата. Одлуките ќе важат до 31 мај годинава.

- „За 10 односно 15 отсто треба да се намалат од цената по која се продавале овие производи на 1 март. Тоа значи ако на 1 март млекото се продавало 76 денари од 16 март цената треба е за 7,6 денари пониска. Ако во меѓувреме после 1 март некој производител ги намалил цените, пак цена по која се врши намалувањето ќе биде онаа по која го продавале производот на 1 март“, рече министерот Бектеши.

Паралелно, се прават и анализи за замрзнување на цените и на шеќерот, јацата и оризот, но дали тоа ќе се случи ќе биде одлучено следната недела.
Инаку, ова е второ замрзнување на цените на производите. Претходно, Владата ја замрзна цената на белиот и полубелиот леб од 450 грама на 33 денари, и во земјава се направи невиден хаос, односно во маркетите немаше леб.
Уште минатиот месец, поради што дел од компаниите од прехрамбената индустрија не ги намалија цените, им беше укината субвенционираната, повластена струја. Тоа предизвика незадоволство кај пекарите, кои неколку дена не дистрибуираа леб во продавниците. Проблемот делумно се надмина откако Владата донесе одлука со која ги обврза пекарниците и трговците – да го произведуваат и продаваат лебот по замрзната цена.





