Патниците кои во Грција влегуваат од 16 земји меѓу кои и Македонија, а немаат сертификат за вакцинација со поминати 14 дена од имунизацијата или потврда за прележан Ковид-19, односно патуваат со негативен ПЦР или рапид тест, задолжително ќе бидат тестирани при пристигнувањето, а негативниот резултат е предуслов за влез во земјата, јави дописничката на МИА од Атина.
Дополнителната мерка е вклучена во новата министерска одлука на грчката Влада „Предуслови за влез во земјата за да се ограничи ширењето на Ковид-19“, што е веќе објавена во Службен весник на Грција, а во 6 часот утрово стапи во сила.
Тестирањето, е задолжително за патниците кои доаѓаат од Македонија, а патуваат со негативен тест.
Оние кои ќе бидат тестирани, ќе треба да ги почекаат резултатите.
Ако резултатот е позитивен, предвиден е десетдневен карантин, а во случај да се работи за лица кои 14 дена претходно ја завршиле вакцинацијата, тогаш задолжителната изолација е седум дена.
На последниот ден од карантинот, оние кои биле позитивни, без разлика дали се вакцинирани или не, потребно е да направат ПЦР тест.






