Многу лекари од внатрешноста се жалат на лошите услови и ниските плати. Поради иселувањето, имаат сѐ помалку пациенти. Велат дека ако не се промени нешто, ако државата не помогне, излезот ќе мора да го бараат надвор од границите на Македонија.
„Тешко е многу. Финансиски едвај се опстанува. Многу работи сами ги купуваме со цел да излеземе во пресрет на пациентите, затоа што постарите жители кои се со мали пензии, не ни можат да отидат на лекар во Скопје, автобуски превоз немаме, а со такси да одат е скапо, односно им бараат по 4.000 денари во еден правец. Како да сме вратени назад во времето, како селски лекари во 1945 години. Исто е во цела Источна Македонија. Сите се соочуваме со истите проблеми. Ако не се подобри ништо, знам јазици, ќе затворам и ќе одам во Германија. Оние кои заминаа, а познавам такви од други градови, се задоволни“, објаснува лекар од Берово.
Матичните лекари во земјава бараат итно да се зголеми капитацијата, затоа што се соочени со високи трошоци, поскапувања, им стигаат високи сметки за струја, а посебно загрозени се оние кои работат во малите градови и рурални општини и нивните амбуланти се на раб на опстанок.
Лидија Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари вели дека ако капитацијата не може да се зголеми од 63 на 90 денари, како што ветила власта пред неколку години, нека се покачи барем на 75 денари, за да можат процесите да тргнат кон подобро. Објаснува дека не е во ред лекарите по 25 или 30 години работа, да се доведени во незавидна положба. Вели дека во помалите места има и лекари со навистина ниски плати, кои мора да се зголемат, затоа што сѐ поскапе.
„Лекарот не е крив затоа што живее во место каде населението се иселува и има мал број пациенти. Но, и луѓето кои останале таму треба да имаат здравствена заштита затоа што цел живот плаќале здравствено осигурување. И ние сме дел од ова општество, и мора повеќе да се води сметка, и да се цени професијата. Протестиравме, дадовме рок од 2 недели за нашите барања, и сега чекаме да видиме кој ќе биде одговорот“, вели Чолакова Дервишова.
Објаснува дека ако добијат поддршка од државата, ќе има простор за повисоки плати за лекарите и за медицинските сестри. Чолакова Дервишова изјави дека е за тоа лекарите да останат во земјава, и одливот е запрен поради пандемијата, но ако овде нема добри услови за работа и соодветни плати, медицинскиот кадар ќе бара излез во странство.
Здравствените власти ветија дека работни групи ќе ги решаваат проблемите на лекарите.
Во Македонија има 1.436 матични лекари, од кои 20 наскоро ќе одат во пензија. Најголем дел од амбулантите се лоцирани во Скопје, Куманово, Тетово, Битола, Прилеп, Струмица.
Инаку, македонските лекари доколку се селат, нивна цел најчесто е Германија, а неодамна српските медиуми објавија дека на Србија ѝ требаат 5.000 здравствени работници.
Извор: Фактор.мк





