Приштина и Белград си разменија тешки навреди за своите лидери, српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти.
Вербалната војна ја почна Курти, кој во објава на Фејсбук го нарече Вучиќ „мал Путин“ поради собирите за поддршка на Русија во војната против Украина „во време кога целиот демократски свет се дистанцира“ од рускиот претседател.
„Неговите пријатели во Србија и во Република Српска имаат цел да ја намамат Русија на Балканот и за Балканот. Со пријателот на Путин во Република Српска, Босна и Херцеговина, и со малиот српски Путин, мирот и безбедноста на Западен Балкан никогаш не биле позагрозени“, напиша Курти, додавајќи дека можеби изгледа преценето кога се вели дека во Украина се одредува иднината на светот, но и оти е потценување ако се каже само дека таму се бранат Европа и демократијата.
„Фашизмот не е резервиран за Германија и Италија меѓу двете светски војни или за Чиле на Пиноче пред половина век. Секој народ или држава можат да завршат во фашизам“, вели претседателот на Владата во Приштина, кому брзо му реплицира српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ.
„Додека Александар Вучиќ води политика која обезбедувањето на мирот и на стабилноста ги поставува не само како национална цел на Србија, туку и гледа значително пошироко, чувајќи го целиот наш регион, градејќи регионални иницијативи како ‘Отворен Балкан’, градејќи автопатишта и брзи пруги, кои сè повеќе ги поврзуваат престолнините на регионот, покажувајќи подготвеност на цел Западен Балкан да му помага со она што недостига на пазарот, било тоа да се вакцини, респиратори или пченица и пченка, дотогаш малиот балкански Хитлер единствено сонува за тоа како со оган и со меч да го покори и освои северот на Косово и Метохија, како Србите да ги избрише од лицето на земјата и како да ја создаде т.н. Голема Албанија. Малиот балкански Хитлер не се занимава со ништо друго освен со Хитлеровите идеи, со лаги и провокации и би било добро кога би можел тука да запре, но кога е некој мал балкански Хитлер, од него ништо не може да ве изненади“, изјави Селаковиќ.






