„Насловот многумина би го замениле со прашањето: Зошто премиерот ништо не разбира!? Неговиот последен јавен скандал со еден новинар во целава катастрофална ситуација во државава ги исцртува повеќето негови неразбирања! Изнесува квалификации за нешта, коишто целосно не ги разбира. Меѓу другото и за фашизмот, односно за нечие фашистичко однесување, што е навистина скандалозно.“ – вели Златко Теодосиевски, историчар на уметноста и општествено-политички аналитичар, во својата колумна со наслов „Што не разбира премиерот?“, која ја објави на интернет-страницата „Теодосиевски уметност“.
Покрај другото, Теодосиевски пишува: Прво, прашањето: кој овде, во светлината на форсираните македонски евроинтеграции, воопшто и има право да говори, на пример, за фашизмот, или да обвинува други за фашистичко однесување? Зашто, ако во улогата на премиер сте одмолчале формирање „културен“ клуб со името на општопознатиот фашист Ванчо Михајлов среде Битола, какво право имате другите да ги нарекувате фашисти? Згора на тоа, ако делото сте го повториле и со случајот на сличниот „културен“ клуб во Охрид крстен Борис III, компањонот на Хитлер, уште еднаш: од каде ви е воопшто правото да обвинувате други за фашизам?!
Ако двегодишново македонско талкање по беспаќата на така наречените евроинтеграции ги согледате низ широкоаголен историски објектив, фашизмот веднаш ве удира в лице – директно, силно, незадржливо! А однесувањето на премиерот не ја држи страната на македонската традиција на антифашистичка борба. Напротив!
Инаку, како би ги протолкувале оние „милнозвучни“ ноти по кои „пее“ оваа власт на чело со овој премиер во однос на помирливото спроведување на сите ригидни квази-историски барања на источниот сосед: промена на историскиот наратив во македонските учебници особено во однос на периодот на Втората светска војна, бришење на одредницата „бугарски фашистички окупатор“ од македонските споменици и спомен обележја, прикривањето на еврејскиот егзодус во Македонија во времето на бугарската фашистичка окупација и тн.?
Многумина од оваа власт и дел од нејзината „интелектуална“ клиентела тоа го нарекуваат политика, но тоа е отсуство на историско чувство и почит кон жртвите, што Македонија ги дала во антифашистичката борба. Оттука, со кое право и образ премиерот Ковачевски обвинува други за фашизам? Дали тој воопшто знае што е фашизам? Дали може да го препознае дека го создаваат во вкупното општествено опкружување тој и СДСМ? Зашто, на добрите познавачи на аспектите на фашизмот целиот овој недемократски македонски политички амбиент, а особено политичките партии како негови носители, страотно им наликува токму на тој сега повампирен фашизам.
Никулците на диктатурата и автократијата во политичките партии, македонски и албански подеднакво, по дефиниција е една од суштинските одлики на фашизмот. Тие никулци, сега веќе длабоко зафатени во почвата на системот, потоа директно се прелеваат и во македонското општество. Резултатот е – Македонија денес, на чело со овие партии.
Понатаму, толку омилениот нивен елитизам – преоблечен во нивните „државотворност“, „напредност“ и сите други слични будалаштини, сега дополнети и со некаков глупав евроинтегрализам како „државен концепт“ – е уште една омилена „специфика“ на фашизмот. И толку успешно негувана во „водечките“ овдешни партии, македонски и албански.
Прашања, не само за премиерот: дали оваа „трансформација“ во државата е само збир на случајности или…; Дали се води тивка „војна“ за редефинирање на државата по нечии „чудни“ стандарди; Дали станува збор за идеолошко репозиционирање на државата…? Би умеел ли премиерот да даде некаков разбирлив одговор?




