„Вџашуваат количеството лаги, кои се изнесуваат во јавноста, безобразниот начин на којшто со нив се манипулира граѓанството, настојчивото лажење на целиот државен врв, без исклучок! Лагата кога доаѓа од позиција на највисока власт и во врска со најчувствителни државни работи е злонамерна, манипулативна, користољубива, опасна.“ – вели општествено-политичкиот аналитичар и историчар на уметноста Златко Теодосиевски во својата колумна со наслов „Продавачи на лаги“, која ја објави на веб-страницата „Теодосиевски уметност“.
Натаму, покрај другото, Теодосиевски пишува: После пресолената реплика на бугарската министерка Габриел за нашите евроинтеграции и бугарските „услови“, веднаш уследи „напредна“ противофанзива во обликот „Европска иднина, поблиску од кога било“ и она „историско“ на човекон, кој глуми премиер: „Со проевропска влада Македонија во следниот мандат ќе биде членка на ЕУ!“ Тоа е временски апсолутно налудничаво, заради сопките на соседите е невозможно, а заради неспособноста на оваа власт – неизводливо.
Освен ако тетка им Урсула ги фати за рачињата и ги внесе во салата каде што се држат седниците на Европската комисија. Ама онака, за да разгледаат! И да им помине меракот, односно да речат тогаш дека се блиску до ЕУ. Или „нашиве“ мислат дека и соседите се така „заборавни“ како веќе смешнион министер за надворешни работи, кој и натаму се чуди за кои и какви протоколи станува збор?
Необјасниво е зошто дозволивме низ овие три децении државата да ја водат речиси исклучиво неуки и неспособни политиканти, неискусни и некомпетентни луѓе, уличари и кецароши, па дури и криминалци!? А има(в)ме и примери на неписмени анонимуси со приправнички стаж на највисоки државни функции. Вие спиете, тие крадат!
Лажоманите не се откажуваат така лесно. Од лагата, а не од работата, им зависи иднината! Но општеството конечно мора да најде одбранбен механизам. Изборите се такво можно средство, но не смеат да бидат единствено.





